Студентите се дават во ѓубре и кај ПМФ

Студентите се дават во ѓубре и кај ПМФ
Градежни материјали, пластика, облека, ќесиња, хартиени марамчиња, пластични шишиња - е сликата што може да се види околу Природно-математичкиот факултет во Скопје. Граѓаните, но и самите студенти се жалат за нечистотијата. Тие велат дека често гледаат луѓе што се паркираат со возила и тука фрлат ѓубре. Според нив, никој не презема превентивни мерки за да се спречи ова лудило. Бараат да имаа повеќе инспекции за да ги санкционираат оние што ја загадуваат животната средина.

„Од секаде се фрла ѓубре. Неколкупати ги сретнав додека го правеа тоа. Доаѓаат со автомобили, комбиња, го фрлаат брзо и веднаш заминуваат. Не знам што да кажам, мора да се преземат мерки бидејќи вака не е добро. Грев е да има ѓубре околу факултетот каде што учат нашите деца. Ова е многу лоша слика“, истакна еден граѓанин.

Студентката Ева Јанева, исто така, е разочарана од нечистотијата.

„Секој ден поминувам тука и гледам ѓубре. На почетокот кај скаливе имаше многу, но го исчистиле. Доаѓаат луѓе од страна и фрлаат. Треба да се казнат. Од ‘Комунална хигиена’ не доаѓаат често да чистат, не ги гледам. Дефинитивно треба да се преземат мерки“, рече Јанева, која е студент по биологија.

Пред две недели самите студенти, професорите и другите вработени на Природно-математичкиот факултет од Скопје организираа еколошка акција во која чистеа ѓубре во околината на факултетот. Но, и покрај тоа, ѓубре пак има, мали купчиња сè уште стојат.

 

Од Општина Гази Баба велат дека водат сметка за чистотата во општина. Тие велат дека заедно со ЈКП „Гази Баба 2007“ и со студентите од Природно-математичкиот факултет извеле неколку екоакции за собирање на сметот во кампусот и во околината, но дека неколку дена по акциите ѓубре се појавувало на сите страни.

„Уште од самиот старт одвоивме средства за целосно оспособување на Јавното комунално претпријатие ‘Гази Баба 2007’ кое располага со кадар, механизација и опрема за да може со полн капацитет да работи на терен. Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, е во постојана координација со деканите на факултетите кои се наоѓаат на територија на Општината, како и со здруженијата на студенти и заеднички се организираат екоакциите и се контролира состојбата со сметот. Но, многу често, неколку дена по акциите, ѓубре се појавуваше на сите страни. Ги зголемивме акциите, но и покрај сите наши заложби човечката неодговорност кон животната средина е голема и паѓаат во вода сите наши апели да се внимава и да се фрла сметот во соодветни контејнери“, велат од Општината Гази Баба. Оттаму додаваат дека во овој дел поставиле и нова урбана опрема како корпи, клупи, летниковци...

Социологот Али Пајазити вели дека фрлањето ѓубре на јавен простор е очигледен одраз на недостигот на елементарен еколошки код, на општа култура во однос на природата, на етиката, а е резултат на естетска сиромаштија. Според Пајазити, мора да се применат тешки казни за тие што ја загадуваат животната средина.

„Граѓанската култура им се дава на децата уште во училиштето, но за жал оваа култура ја немаат ниту родителите ниту наставниците. Нашиот граѓанин смета дека ако го исфрли отпадот од дворот направил хигиенски чин, а всушност ја загадил околината на тие околу него, но и својата, затоа што тој ги дели мирисот, чадот и ѓубрето. Дури и ако го фрлил отпадот подалеку, повторно ја осквернавува својата планета. Неговиот дом е поголем од оној што смета дека е само негов. Потребна е посилна медиумска кампања, и преку социјалните мрежи, како и граѓански активизам. Мораме да ја откриеме, да ја откажеме и да ја спречиме екогеноцидноста во нас. Училиштата треба да произведат повеќе свесни граѓани. Постои потреба да се научат теми поврзани со културата на животната средина. Акцентот, исто така, треба да се стави на религиозната смисла во овој поглед бидејќи религијата ја смета природата за светост. Секако, мора да се применат тешки казни за ‘предавниците на природата’, за ‘криминалците’ од кругот во кој живееме. На Балканот ја разбираме лекцијата само кога ќе нè удрат по џебот“, истакна Пајазити.

Нечистотијата е еден од главните проблеми во Скопје. Само пред еден месец зад студентскиот дом „Пелагонија“ имаше купишта ѓубре фрлени од прозорците. Градските власти го исчистија ѓубрето што под својот нос го оставија идните академски граѓани. Акцијата продолжи и низ другите студентски домови и училишта низ градот бидејќи стана јасно дека не станува збор за еколошки инцидент, туку за секојдневие и стил на однесување.

Арменд Мурсели

Споделување со вашите пријатели: