„Боинг“ направи промени на контроверзниот систем на авионите 737 макс 8

„Боинг“ направи промени на контроверзниот систем на авионите 737 макс 8
Компанијата „Боинг“ ги направи промените на контроверзниот систем на контрола кој е поврзан со двете фатални несреќи во кои учествуваше моделот „737 макс 8“ во последните пет месеци, јави BBC.

Покрај промените на спорниот систем сѐ уште не е познато дали „737 макс 8“ ќе добие дозвола за летање откако комплетната флота беше приземјена овој месец. Истражителите сѐ уште не ги утврдија причините за падот.

Како дел од подобрувањата, „Боинг“ ќе инсталира систем за предупредување како стандард, додека тој систем порано беше изборна сигурносна функција. Паднатите авиони на „Лион ер“ и на „Етиопијан ерлајнс“ ги немаа овие системи кои се дизајнирани да ги предупредат пилотите кога сензорите даваат контрадикторни отчитувања. „Боинг“ вели дека идните купувачи нема да мора дополнително да плаќаат за спомнатиот сигурносен систем.

исто така, „Боинг“ подготви и подобрување на софтверот кој е поврзан со несреќата. Се работи за системот MCAS кој е дизајниран да спречи ковит (stall) кој реагира на сензори кои откриваат дали авионот се искачува по многу стрмен агол.

Истрагата на несреќата на авионот на „Лион ер“ покажа дека тој систем откажал, поради што носот на авионот понирал повеќе од 20 пати пред авионот да падне во море.

Тогаш загинаа 189 луѓе. Американската федерална администрација за авијација (FAA) тврди дека постојат сличности во несреќите на „Лион ер“ и „Етиопијан ерлајнс“.

„Боинг“ го редизајнираше софтверот така што се гаси MCAS ако добие спротивни податоци од сензорите.

Споделување со вашите пријатели: