Како и колку се полнел џебот на „сваровски-судиите“?

Како и колку се полнел џебот на „сваровски-судиите“?
Кому, колку и на кој начин му се здебелил џебот во името на правото и правдата? „Сваровски-судиите“ од вчера се на тапет на Државната комисија за спречување на корупцијата, која по сопствена иницијатива отвори предмет за злоупотреби и коруптивни дејствија. Ќе се испитува имотната состојба на поранешниот прв човек на Кривичниот суд Владимир Панчевски, на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, на поранешната претседателка на Судскиот совет Александра Зафировска, како и на судијките Светлана Костова и Софија Лаличиќ.

Судиската петорка, која ја одбележа една од „најславните“ декади во поновата историја на македонскиот правосуден систем, се најде во најновиот извештај на Стејт департментот за човекови права. Во него се посочува на специјалниот извештај на СЈО за овие судии кои, како што пишува, дозволиле политиката директно да се вмеша во судството.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на крајот од минатата година го испрати извештајот до Собранието. Во него беше нотирано дека „ѕвездите“ од нелегално прислушуваните материјали (кои подолг период ги објавуваше тогашната опозиција, а сегашна власт) Вангеловски, Лаличиќ, Зафировска и Костова работеле под диктат на поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, но и пренесувале информации од судските постапки.

Телефонските разговори што се во рацете на СЈО покажале дека Зафировска, додека била на чело на Советот, ширум ја отворила вратата за политички влијанија и ѝ овозможила на тогашната владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, целосно да ги контролира институциите на судскиот систем. Таа заедно со Груевски, тогашниот министер за правда, а сега градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, одлучувале заедно за избор на „подобни“ судии и за разрешување на „неподобни“, а стручните соработници ги избирале според партиски списоци. Сегашниот прв човек на Врховниот суд Јово Вангеловски, кој е и прв судија во судскиот систем (имотот што го поседува според анкетниот лист му е вреден над 700.000 евра), место да биде пример за чесност и правичност, изнесувал информации од судските постапки што се водат пред овој суд и интервенирал кај други судии за предметите давајќи им сугестии како да постапуваат.

Телефонските разговори на СЈО покажуваат дека на судијката од Кривичниот суд Софија Лаличиќ, која сега суди и предмети на СЈО, Мијалков ѝ ветил дека ќе биде избрана за судијка една година претходно. Судијката, пак, од Вишиот управен суд Светлана Костова, два-три месеци по стапувањето на функција во судот, била судијка но работела и во УБК. Таму организирала состаноци и во исто време судела.

Според извештајот, додека Панчевски раководел со Кривичен суд, АКМИС системот бил злоупотребен. Тој лани доби две кривични пријави и беше осомничен за две кривични дела, злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата. Антикорупциска сега отвора и предмет за судир на интереси против Панчевски во врска со вработувањата на неговиот внук и внука Јордан Тасевски и Марија Димитровска, како и за сопругата на поранешниот министер Спиро Ристовски, вработена во МАПАС.

Поради црните петна од минатото, експертската јавност подолг период апелира Државниот јавен обвинител Љупчо Јовески да се разбуди и да ја испита работата на судиите, односно да утврди дали во својата работа направиле кривично дело. Без т.н. „ветинг“ и внатрешно прочистување невозможно е, велат дел од правниците, да се спроведе вистинска реформа во правосудниот систем. Не може, според нив, тие што учествувале во уривањето на судскиот систем, сè уште да жарат и палат.

Од Антикорупциска, пак, велат дека тие не можат директно да ги преземат чекорите во делот на судските реформи. „Но, може на ваков начин, во рамките на нашите надлежности, да дадеме одреден придонес. Подолг период овие судии се споменуваат во јавноста дека биле дел од разни злоупотреби и коруптивни дејства. Донесовме легитимна одлука да се позанимаваме со тоа“, рекоа вчера од Антикорупциската комисија, која по допрен глас ќе ја испитува и имотната состојба на поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески, Илија Исајловски и Кирил Божиновски.

По службена должност на вчерашната седница Антикорупциската комисија усвои одлука за отворање предмети за 18 лица кои се носители на јавни функции, а членуваат во управните одбори и на други институции. Ќе се проверува и имотот на пратеници во Собранието, членови на Владата, членови на Владата во претходниот состав, директори и заменици директори на ЈП во државна сопственост.

„Во извештајот на Стејт департментот јас сум посочен само за случајот ‘АКМИС’. Тоа што претседателката на Антикорупциска комисија така јавно ме посочува е чиста клевета“, изјави вчера попладне за ТВ21 Владимир Панчевски. „Мислам дека е пресериозна изјавата на претседателката на Антикорупциска комисија јавно да зборува за коруптивни дејанија на судии и притоа да се повикува на нешто што нема таква содржина, значи извештајот не содржи такво нешто. Во најмала рака тоа е класична клевета, значи ако не и некаква друга одговорност од страна на претседателката“, рече Панчевски.   (Н.К.)

 

Споделување со вашите пријатели: