МПК: Направен е видлив напредок кон НАТО и ЕУ

МПК: Направен е видлив напредок кон НАТО и ЕУ

Сите македонски и европски парламентарци и претставниците на европските институции, кои учествуваат на 16. Мешовит парламентарен комитет (МПК) во Стразбур, освен грчката Спираки, оценија дека во изминатата година Република Северна Македонија успеа да направи видлив напредок во исполнување на стратешките цели, односно членство во НАТО и во ЕУ.

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски рече дека сме горди на постигнатото и перспективите кои се отворија за Република Северна Македонија“.

– Свесни сме дека пред нас претстои уште многу работа, но досегашниот успех ни дава оптимизам дека ќе успееме во исполнување на нашите стратешки определби. Затоа очекуваме определување конкретен датум за преговори со ЕУ, од страна на Советот на Унијата, во јуни оваа година. Ризикот од одлагање на донесување ваква одлука ќе значи губење на моментумот, што беше изграден со огромни напори од страна на Грција и Северна Македонија. Ќе значи обесхрабрувачки сигнал за државата и ќе го забави реформскиот процес, а ќе создаде и непредвидливост од создавање на нови можности. Од друга страна, отворањето на преговорите ќе значи продолжување на продукцијата на добри вести, инвестиција во стабилноста и просперитетот на ЕУ, демонстрација на кредибилност и посветеност кон основните ЕУ вредности. Тоа нема да значи членство, туку почеток на едно подолго патување кое ќе придонесе кон суштинска трансформација на општеството, рече заменик министерот Жерновски.

Тој истакна дека консолидацијата на Европската унија може и треба да се одвива паралелно со европската консолидација на Балканот.

Во препораките кои евро-пратениците заедно со пратениците од Собранието на Република Северна Македонија, треба да ги усвојат денеска, а до кои дојде дописникот на МИА, се препорачува почеток на преговори со Република Северна Македонија оваа година, за членство во Европската унија. Во документот кој ќе биде усвоен на крајот на состанокот, констатиран е напредок во клучните области на владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата, што претставува солидна основа за следниот извештај на Европската Комисија и ќе обезбеди позитивна клима пред јунските самити на Советот на ЕУ.

Споделување со вашите пријатели: