Ердоган не отстапува од своите замисли: Аја Софија ќе ја нарекуваме џамија

Ердоган не отстапува од своите замисли: Аја Софија ќе ја нарекуваме џамија
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган повтори дека постои можност поранешната црква Света Софија во Истанбул, која моментално е музеј, да ја преименува во џамија.

Тој во емисија на телевизијата А Хабер синоќа рече дека „дошло време“ поранешната базилика да стане џамија. Ердоган исто така оцени дека трансформацијата на црквата во музеј „била голема грешка“.

– Нејзиниот статус на музеј ќе биде повлечен. Аја Софија ќе ја викаме џамија, порача Ердоган.

Ердоган, исто така, во понеделникот во телевизиско интервју на прашање за музејот рече дека Света Софија може да биде преименувана во џамија.

Според претходните најави, постои можност Аја Софија да биде преименувана во џамија по локалните избори закажани за 31 март.

Претходно, шефот на грчката дипломатија Јоргос Катругалос изјавата на турскиот претседател за пренамена на „Аја Софија“ во џамија ја оцени како навреда не само за христијаните, туку и на меѓународната заедница.

– Секој спор за овој статус не е само навреда за христијанските чувства, туку и навреда на меѓународната заедница и меѓународното право, рече Картугалос.

Византиската црква Света Софија е изградена во 537 година, а во џамија е претворена во 1453 година, за време на Отоманското царство. Потоа во 1935 година е претворена во музеј.

Аја Софија се наоѓа на списокот на светскoто културно наследство на Организацијата на Обединетите Нации за образование, култура и наука (УНЕСКО).

Споделување со вашите пријатели: