Четири кривични пријави за уништувањето на трската и узурпација на струшкото крајбрежје

Четири кривични пријави за уништувањето на трската и узурпација на струшкото крајбрежје
Во соработка со Основното јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против четири лица за уништување трска и за узурпација на крајбрежјето во Струга.

Министерот Оливер Спасовски во одговор на пратеничко прашање, рече дека кривична пријава е поднесена против едно лице за узурпација на недвижност сопственост на државата и за кривично дело уништување добра од привремена заштита.

Во однос на нелегално сечење трска поднесени се две кривични пријави – за сторителот и за нарачателот. Поднесена е и кривична пријава против инспектор од МЖСПП зашто не ги констатирал фактите дека има палење и уништување трска и узурпација на тој дел од езерото. Спасовски рече дека откако МВР ја поднело кривичната пријава против инспекторот, тој поднел кривична против непознат сторител за истиот случај.

-МВР и натаму ќе продолжи бескомпромисно да се бори против кој било сторител на овие нелегални активности. Упатувам апел до надлежните инспекциски служби да ги извршуваат своите законски надлежности за заштита на природните реткости, природни добра и, генерално, имотот на Република Северна Македонија. Затоа што пропустот на која било од службите дополнително ги охрабрува овие криминални структури кои сакаат на криминален начин да узурпираат исклучително атрактивно земјиште во заштитен појас. Ќе продолжиме и натаму за каква било евентуална злоупотреба да биде соодветно санкционирана, рече Спасовски.

Споделување со вашите пријатели: