ЕУ го одобри законот за забрана на пластичен прибор за една употреба

ЕУ го одобри законот за забрана на пластичен прибор за една употреба
Европскиот парламент одобри нов закон со кој се забрануваат пластични предмети за еднократна употреба како што се садови, прибор за јадење или сламки за пијалоци.

 

За договорот постигнат со министрите на Европската унија гласаа 560 пратеници, 35 од нив беа „против“ и 28 „воздржани“.

 

Како што се наведува во соопштението, од 2012 година во ЕУ ќе се забрани употреба на прибор за јадење за еднократна употреба, пластични садови за еднократна употреба, пластични сламки, стапчиња за уши изработени од пластика, пластични стапчиња за придржување балони, оксоразградлива пластика и кутии за храна, како и чаши од експандиран полистирен.

 

Според податоците на Европската комисија, повеќе од 80 отсто од морскиот отпад е пластика. Производите опфатени со новиот закон прават 70 отсто од сите предмети во морскиот отпад. Заради својата спора разградливост пластиката се насобира во морињата, океаните и на плажите на земјите од Европската унија и ширум светот.

 

Пластични остатоци се наоѓаат во морскиот животински свет - како во морските желки, фоки, китови и птици, но и во рибите и школките, а со тоа влегува во  синџирот на исхрана на луѓето.

 

Државите членки до 2029 година ќе мора да овозможат повторно собирање на 90 отсто од употребените пластични шишиња, а до 2025 година најмалку 25 отсто од материјалот од кој тие шишиња се изработени ќе мора да бидат пригодни за рециклирање. До 2030 година уделот на материјал кој може да се рециклира ќе мора да биде барем 30 отсто.

 

Со ова законодавство се предвидува и задолжително поставување ознаки за негативното влијание на околината што го има фрлањето цигари со пластичен филтер, како и пластичните чаши и влажни марамчиња, наведува Европскиот парламент.

 

Советот на министри на Европската унија, сега треба и формално да го усвои овој закон, по што ќе следи објава во службениот весник на ЕУ, а потоа државите членки на Унијата ќе имаат две години тој закон да го вметнат во своето законодавство.

Споделување со вашите пријатели: