Рама: Нема компромис, локални избори ќе има со или без опозицијата

Рама: Нема компромис, локални избори ќе има со или без опозицијата
Албанскиот премиер Еди Рама денеска од говорницата на Парламентот во Тирана и порача на опозицијата дека компромис нема да има и оти со или без неа во Албанија ќе се одржат локалните избори.

Тој додаде дека евентуалното неучество на Демократската партија и на Социјалистичкото движење за интеграција на локалните избори предвидени за 30 јуни, ќе биде на штета на самите партии.

– Денеска, како и претходно, слушавме дека нема да учествуваат на изборите. Тоа е нивна работа. За нивно добро е да учествуваат на изборите. Се разбира, Албанија не ја почитуваат доколку имињата на партиите не бидат на гласачките ливчиња, но поголема штета си нанесуваат самите на себе. Ќе учествуваат или не, локалните избори ќе се одржат на одредениот датум. Ние ќе победиме и во оние општини каде што тие раководат и ќе владееме многу подобро од нив, порача Рама.

Тој и одговори на опозицијата и на барањата за негова оставка, за формирање преодна влада и за одржување предвремени парламентарни избори.

– Предвремени парламентарни избори нема да има. Нам народот ни довери мандат до 2021 година и за тоа нема преговори, посочи Рама.

Од собраниската говорница Рама оцени дека опозиционерите се варвари и скитници.

– Тие нека останат на улица, каде што се. Улицата ја избира улицата, таму и нека останат, додека ние продолжуваме на патот што го презедовме да ги водиме Албанците, рече Рама.

Споделување со вашите пријатели: