Распишан конкурс за доделување на државната награда ,,Мајка Тереза”

Распишан конкурс за доделување на државната награда ,,Мајка Тереза”
Одборот за државната награда „Мајка Тереза” распиша конкурс за доделување на наградата во 2019 година. Конкурсот ќе биде отворен од 1 до 30 април годинава.

Со државната награда „Мајка Тереза” се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување и унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката како меѓу народите така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.

Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава. Државната награда, под условите определени во конкурсот, може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство. На награден поединец му се доделува диплома и паричен износ. На секој член од наградена група творци или екипа му се доделува диплома и еднаков дел од паричниот износ. На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета.

Паричниот износ на државната награда „Мајка Тереза” изнесува пет просечни месечни плати во Република Северна Македонија исплатени во последните три месеци на тековната година. Државната награда „Мајка Тереза“ се доделува, по правило, секоја година. Во една година може да се доделат најмногу две награди.

-Иницијатива за доделување на државната награда „Мајка Тереза” може да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани. Подносителите на иницијативата за доделување на државната награда треба подробно да ја образложат иницијативата. Во текстот треба да се содржани и: прецизни биографски податоци, точна адреса на живеење (улица, број, место, град, држава), податоци за остварените резултати во областа во којашто е постигнато остварувањето и други податоци за кои се смета дека ќе придонесат во оценувањето, како и соодветна документација со која би се потврдиле податоците. Подносителот на иницијативата мора да ги наведе своето целосно име и презиме, назив, фирма, адреса и телефон, соопштуваат од Министерство за култура.

Текстот на иницијативата (комплетиран) треба да се достави во 15 примероци, а трудовите (книги, публикации и сл.) се третираат како прилози и треба да се достават во еден примерок. Иницијативите треба да се достават на следнава адреса: Министерство за култура на Република Северна Македонија – Одбор за доделување на државната награда „Мајка Тереза”, ул. „Ѓуро Ѓаковиќ” бр. 61 – Скопје, Република Северна Македонија.  Некомплетните иницијативи и иницијативите и прилозите (трудови, книги, публикации и сл.) доставени по утврдениот рок за прием во конкурсот нема да бидат разгледувани.

loading...

Споделување со вашите пријатели: