Спомен обележјето сведочи за периодот од 1916 година до 1918 година, односно за времето кога италијанскиот контингент со околу 50 илјади војници пожртвувано се борел на фронтот што се протегал од планината Баба па сѐ до највискиот врв на планината Ниџе, Кајмакчалан.
На спомен плочата се посочува дека 3.000 италијански војници ги загубиле своите животи, а имало и над 5.000 повредени и исчезнати. -Голите бројки неможат да ги раскажат страотните страдања што тие ги претрпеле, нити да ја измерат честа и храброста на италијанските борци во текот на трите тешки години војување, пишува на спомен плочата откриена во Битола.
Цвеќе на споменикот за италијанските војници кои загинаа на Македонскиот фронт 1916-1918 година положија амбасадорот на Италија Карло Ромео, градоначалникот на Битола Наташа Петровска, военото аташе на Република Италија во Северна Македонија полковникот Џузепе Монталто, претставници од државните институции и армиите, почесните битолски конзули, како и претставници на Советот на општина Битола кои кон крајот на минатата година донесоа одлука за локацијата, и подигнување на споменикот во овој град.