Филипче: Со јавно-приватно партнерство до поефикасен здравствен систем

Филипче: Со јавно-приватно партнерство до поефикасен здравствен систем
Има државни болници што не се целосно искористени, работат со мал капацитет, како што се оние во Кочани и во Кавадарци, каде нема пациенти, персонал, експертиза. За таа цел после изборите ќе почне широка физибилити студија за јавно-приватни партнерства во здравствениот систем пред се на болничко ниво, што ќе ги опфаќа сите дејности што сега се даваат на секундарно ниво, што се очекува да биде финализирана во јуни. Целта е да се направи ефикасен систем во кој ќе се ослободиме од непотребните трошоци за одржување на објектите.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека не постои никаква опасност да се затвораат болници, здравствени работници да остануваат без своите работни места, туку напротив се повеќе и повеќе ќе примаат луѓе во здравствениот сектор и не постои никаква можност, ниту опасност да се зголеми трошокот што граѓаните го плаќаат во форма на придонес за здравствено осигурување.

Потенцира дека овој модел на јавно-приватно партнерство ќе значи дека пациентите ќе имаат можност да изберат каде ќе се лекуваат согласно своите пари. На примарно ниво, појасни, тој систем кај нас со години наназад постои и граѓаните може да изберат матичен лекар, а нивните пари ги следат самите нив.

– Оваа власт е силно посветена на унапредување на јавното здравство. Тоа не значи дека ќе инвестираме таму каде нема никаков ефект ниту пак ги гледаме резултатите. Многу се вложува меѓутоа очигледно е дека системот е така поставен да не е ефикасен и да не дава соодветни резултати соодветно на степенот на инвестиција. Тоа што сакаме да го постигнеме со моделите на јавно-приватно партнерство е да се ослободиме од непотребните трошоци. Во многу малку земји системот е така структуриран да се одржуваат огромни неефикасни згради во кои функционираат болниците. На некој начин ние треба да се посветиме кон купување здравствена услуга и да ја бараме таму каде за парите што ги вложуваме ќе има најдобар резултат и исход за лекувањето на пациентите, посочи Филипче.

Според него, тоа значи дека ќе ги отворат вратите за секаков тип партнерство, но и за веќе постојните приватни институтии, што како модел постои во дејноста на кардиохирургија.

– Со години наназад има три институции што работат во оваа сфера и пациентите може да изберат каде ќе одат. Во следниве месец-два ќе се анализира каков е ефектот и какви се резултатите од лекувањето на овие пациенти. Ги отвораме вратите за приватни инвеститори согласно резултатите од физибилити студиите, а здравствениот систем да биде тој што ќе купува услуги таму каде е најдобро за пациентите и кај што има најголема експертиза и кај што ќе биде најдобар исходот од лекување. Веќе започнавме разговори со деканката на Медицинскиот факултет, со ректорот на УКИМ и со Универзитетот во Штип, за да видиме како може да ги отвориме вратите и сите специјализанти од сите факултети и студенти да можат да учат и да се едуцираат на сите институции во јавното здравство, а исто така и за професори, рече Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање дали би се затвориле болниците што не се целосно искористени, рече дека одредени крила на некои болници се веќе затворени и не функционираат.

– Се надевам дека потенцијалните инвеститори ќе покажат интерес, како што има примери во светот. На пример во Германија државата не ги поседува зградите, тие припаѓаат на бизнисмени, цркви и фондации, а државата купува услуги од нив. Таков систем сакаме да направиме. Ако нема интерес од инвеститорите ќе направиме некаков поинаков пристап, додаде Филипче.

loading...

Споделување со вашите пријатели: