АМС со упатство за „рифреш“: Федерации на Северна Македонија или Национални федерации

АМС со упатство за „рифреш“: Федерации на Северна Македонија или Национални федерации
 

По насоките за „рифреш“ на називите на државните институции и установи од Владата, согласно новото уставно име на земјата, во наредниот бран ќе бидат опфатени и спортските федерации и организации. Мразот е пробиен во Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) каде членката со референца ФИРОМ од оваа недела е заведена како Северна Македонија, а Македонскиот олимписки комитет (МОК) стана Олимписки комитет на Северна Македонија. Пресликување на примерот во скоро време се очекува и во ФИФА, ФИБА Свет, ИХФ, ФИВБ, ФИНА, ИТФ, итн.

Агенцијата за млади и спорт (АМС) се обрати до националните спортски федерации и останати домашни субјекти што имаат решение за вршење дејност спорт. Од нив се бара да се постапи согласно насоките на Министерството за надворешни работи (МНР) и тоа во најкус можен рок.

„Сите национални спортски федерации и други правни лица што имаат решение за вршење дејност спорт треба да го променат своето име согласно Амандман 33 од Уставот на Република Македонија и членот 1 од конечната спогодба меѓу Република Северна Македонија и Грција од 12 февруари во 2019 година“, се вели во дописот на АМС.

Од АМС се повикуваат на упатството на Министерството за надворешни работи (МНР) за усогласување на името и нудат две опции за избор на новите називи.

Првиот е пред називот федерација на Република Северна Македонија да стои спортот на кој се однесува (пример Фудбалска федерација на Република Северна Македонија, Кошаркарска федерација на Република Северна Македонија, Ракометна федерација на Република Северна Македонија, Одбојкарска федерација на Република Северна Македонија, итн.).

Втората понудена варијанта е спортот да стои меѓу термините Национална и Федерација (пример Национална фудбалска федерација, Национална кошаркарска федерација, Национална ракометна федерација, Национална одбојкарска федерација, итн.). Изборот меѓу двете опции е оставен на самите раководства на федерациите со таа разлика што втората не предвидува место за Македонија.

Третата опција што често можеше да се слушне и заговара во спортските кругови. Се однесуваше на Македонска како придавка (пример Македонска фудбалска федерација, Македонска кошаркарска федерација, Македонска ракометна федерација, Македонска одбојкарска федерација) и според насоките од МНР и дописот од АМС паѓа во вода. Од Владата образложуваат дека националните тимови ја претставуваат државата во меѓународни рамки, а федерациите ги финансираат своите програми со дел буџетски средства.

 

На Игрите во Токио со код МКД на опремата под знамето

Македонските претставници на Летните олимписки игри во Токио во 2020 година ќе настап во опрема со код МКД што ќе стои под државното знаме. Олимпискиот комитет постигна договор со полскиот производител на спортска опрема „4Ф“, кој е официјален партнер на спортистите од земјава на летните и на зимските Олимпијади.

„Преговорите со нашиот партнер за спортска опрема „4ф“ од Полска се завршени. Опремата за летните олимписки игри во Токио во 2020 година е веќе договорена и потпишано е дека МКД кодот ќе стои под македонското знаме“, ни изјави Сашо Поповски, генерален секретар на Олимпискиот комитет на Северна Македонија.

Сашко Ѓ. Димовски

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

loading...

Споделување со вашите пријатели: