За претседателските избори да бидат успешни, односно за да биде избран петтиот шеф на државата, одлучувачки е вториот круг, кога на гласање треба да излезат 40 проценти од запишаните гласачи. Според бројката што вчера ја соопшти ДИК, тоа би значело дека на 5 мај на гласачките места треба да се појават најмалку 723.252 избирачи.
Во претседателската трка овој пат учествуваат тројца кандидати - Гордана Силјановска-Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река. Еден од нив ќе биде елиминиран во првиот круг, а победник ќе биде тој кој во вториот круг ќе освои мнозинство гласови, под услов да се постигне одѕив од најмалку 40 проценти.
Избирачкиот список е овој пат нешто помал од бројката на гласачи за референдумот на 30 септември минатата година, кога право на глас имаа 1.806.336 избирачи. Цензусот за референдумот е 50 проценти, но тогаш на гласање излегоа само околу 36 проценти од евидентираните гласачи.
На последните локални избори во 2017 година, пак, право на глас имаа 1.814.644 избирачи.
В недела напладне во просториите на ДИК кандидатите за претстојните избори треба да потпишат кодекс за фер и демократски избори. Кампањата почнува в понеделник и ќе трае 20 дена пред првиот круг гласање. (П.Р.)