„Испитувањето на квалитетот на воздухот и резултатите кои ќе се добијат ќе бидат основа за донесување на вистински мерки за намалување на загадувањето. Мерењето треба да се врши преку 24-часовен мониторинг, а од сите три локации треба да се анализираат по 168 мостри и да се одредат концентрациите на ПМ-10 и нивото на левоглукосаните во нив“, се вели во тендерската документација.
Во ноември минатата година Владата загревањето на домовите го посочи како најголем загадувач на воздухот. Тоа беше заклучокот од извештајот на интерресорската работна група составена од 17 државни институции и граѓански и еколошки организации, која работеше на анализа на овој проблем. Извештајот предложи неколку мерки на краткорочен и долгорочен план, меѓу кои и враќањето на исклучените граѓани во системот на централно греење, субвенции и стимулации за нови типови на загревање, секој инвеститор при добивање градежна дозвола да приложи проект за начинот на затоплување на објектот, а на долг рок гасификација и забрана за користење на јаглен за загревање на домовите, мерка која треба да се имплементира до 2021 година. (С.Н.)