Годишно умираат 100.000 бебиња поради војна

Годишно умираат 100.000 бебиња поради војна

Во светот годишно умираат 100.000 бебиња поради војна или последици од војна како што се глад, оштетени болници, недостаток од здравствена нега, недостаток од хуманитарна помош.

Ова е еден од податоците на новиот извештај „Стоп за војната против децата“ на меѓународната организација „Save the Children", која работи во 120 земји ширум светот.

Во извештајот се наведува дека најмалку 550.000 бебиња, во просек 100.000 годишно, го изгубиле животот како последица на оружен конфликт, од 2013 до 2017 година во 10 земји кои се најлошо погодени од судири.

„Да не живееја на подрачја зафатени со војна, овие деца најверојатно би биле живи. Ако се земе во предвид старосната група деца до пет години, се проценува дека во споменатите држави заради конфликти животот го изгубиле најмалку 870.000 деца“, порачува организацијата „Save the Children".

Земјите во кои конфликтите имале најголеми последици по децата се Авганистан, Јемен, Јужен Судан, Централноафриканската република, Демократска Република Конго, Ирак, Сирија, мали, Нигерија и Сомалија.

Од организацијата наведуваат дека во истиот, петгодишен период, во истите држави во конфликтите животот го загубиле 175.000 борци.

Организацијата во извештајот даде 20 препораки за владите и за други влијателни институции на кои целта им е да обезбедат децата да бидат заштитени во војна или конфликт.

Меѓу препораките се потпишување Декларација за безбедни училишта, воспоставување минимални граници од 18 години за воена регрутација, избегнување употреба на експлозивно оружје во населени места. како и поголема контрола на трговијата со оружје.

Споделување со вашите пријатели: