Првите искуства од договорот „Преспа“

Првите искуства од договорот „Преспа“
Александар Кржаловски

По ратификацијата на уставните промени кај нас и на Преспанскиот договор во грчкиот парламент, започна примената на неговите одредби, вклучително и употребата на новото име на нашата држава, односно одредницата „Северна“.

И полека, сакајќи или не, ќе треба да се навикнуваме дека е тоа нашата нова реалност. И, волно или неволно, ќе треба (или ќе мора) секој од нас да го применува. Ако ништо друго, заради практични причини, како на пример патување во странство.

Велат дека засега службениците на излез од земјата ги прашувале македонските државјани дали сакаат да им биде ставен печат со „Северна“ или не, па тоа може одредено време да се одложува или избегнува, но порано или подоцна, особено откако при крајот на годинава ќе почнат да се издаваат новите пасоши во кои ќе стои само новото име, скоро сите ќе треба да се соочат со тој момент. И, веројатно е добро што има ваков транзициски период, за да се намали емотивното влијание на оваа одлука и да има повеќе простор за порационално гледање на целата ситуација.

Минатава недела учествував на регионален (балкански) состанок во Белград и на моето прво вакво соочување се решив да ја употребам личната карта наместо пасошот, па да не морам ни да избирам „печат или не“. На состанокот почнаа првите „конфузии“ за тоа кое име да се употребува. На беџот за учество стоеше само Македонија, во воведната најава претседавачот ги употреби двете, а убаво се чувствував кога сите учесници во евентуални набројувања на земјите од регионот употребуваа само Македонија, што меѓу другото уште еднаш ми ја потврди целата бесмисленост на спорот за името.

Сепак, имаше и искуства од друга природа. На вечерниот прием, домаќинот (од една западноевропска земја), ни посака добредојде на сите учесници, вклучително и на нас од Македонија, но мои колеги Албанци од Косово го потсетија дека сега сме Северна. Јасно беше дека сакаа да се пошегуваат, но моето чувство не беше пријатно. Си велам како тие ќе се чувствуваа да им дофрлев назад дека формално (според резолуцијата на Обединетите нации) Косово е сè уште дел од Србија?

Слично беше и со колегите од Србија, кои беа воодушевени каков голем чекор сме направиле и дека тоа со името е мала цена за перспективите за ЕУ и НАТО. Си велам, како во времето на „Шарената револуција“ - „стап по туѓ грб не боли“ и се прашувам како ќе размислуваат и дејствуваат кога по истиот терк како кај нас, за не толку долго време ќе се соочат со своите големи дилеми - на пример дека ќе треба да признаат дека Косово не е дел од Србија, туку независна држава?

Во купчево емотивни споредби, на Фејсбук налетав и на реакцијата на мои драги колеги од ЛГБТИ-центарот и пошироката нивна заедница, на тенденциозната формулација во некои наши медиуми на веста дека српската премиерка заедно со својата партнерка добила син со зборовите: „Ана Брнабиќ стана татко“. И јасна ми е нивната реакција и дека им е чувството непријатно, како што беше и моето во погорните муабети.

Но, во сето ова доминираат емоциите, а времето ќе направи простор за порационално гледање на работите и попрагматични решенија во секојдневниот живот, вклучително и за надминување на некои стереотипи, разрешување на одредени конфузии и влијаење на секого и во согласност со својата совест и со актуелните уставни/законски одредби. Во таа смисла, за поздравување е упатството на Министерството за надворешни работи за медиумите, како да се употребуваат термините македонски, Македонија и Северна во склад со одредбите од договорот, како и серијата „прашања и одговори“ поврзани со тоа. Верувам дека тие текстови се проверени и со Грција, односно имаме исто разбирање за договореното.

Туку, една друга работа ми беше главна инспирација за овој напис, а тоа е текстот на британскиот Би-би-си под наслов „Грчкото невидливо малцинство“. Тоа е главно интервју со 92-годишен господин Фокас, етнички Македонец, кој говори за декадите на живот во северна Грција со забрана (во голем период и законска) за употреба на својот мајчин, македонски јазик, како и за другите последици на грчките политики. Би-би-си констатира дека со ратификацијата на Преспанскиот договор во Грција ќе се отвори и прашањето за малцинствата (вклучително и македонското) и како што напишав во еден претходен напис - тоа е една од добрите работи (за нас Македонците и особено за Македонците во Грција) од договорот.

Секако, има и ќе има и други придобивки од договорот, а една од најголемите, членството во НАТО (како една од долгорочните стратегиски цели на нашата држава) веќе е извесно веројатно до крајот на годината.

Од друга страна, ќе треба и самите да се соочиме со некои други работи, кои Грција можеби ќе ги покренува. Сигурно не е случајно што тие експресно минатиот мај го отфрлија предлогот за името Илинденска Македонија. Кај нив Илинденското востание се изучува како злосторство врз локалното грчко население (во регионите на Лерин, Костур и околината) или, како што ќе чуете во Музејот на македонската борба во центарот на Солун - дека „клетите бугарски комити“ убивале грчки патриоти и невино цивилно население.

Во таа смисла, можеби допрва не очекуваат потешки соочувања со сопствените и меѓусебните верзии на историјата, па и од таа страна гледано, добро е што се постигна и стапи на сила Преспанскиот договор, наместо да тлее конфликтот „под тепих“ , без разговори и аргументација за се што се случувало, а со надеж дека колку и да била тешка, трагична и крвава историјата, ќе имаме сили и разум, и едните и другите (а и останатите) соседи, заеднички да проектираме помирна и посветла иднината за сите нас.

Споделување со вашите пријатели: