„Бугати“ го направи најскапиот автомобил - чини 11 милиони евра

„Бугати“ го направи најскапиот автомобил - чини 11 милиони евра
Францускиот производител на суперавтомобили, „Бугати“, ги засили своите напори да го привлече вниманието на оние што не жалат пари за скапи автомобили.

La Voiture Noire (Црн автомобил), специјален хиперавтомобил беше претставен на саемот во Женева и веќе е продаден на неименуван купувач за 11 милиони евра.

Претседателот на „Бугати“, Стефан Винкелман, рече дека автомобилот комбинира „извонредна технологија, естетика и екстремен луксуз“.

Автомобилот има каросерија од црно јаглеродно влакно и мотор од 16 цилиндри со моќност од 1.500 коњски сили.

„Бугати“ го опиша автомобилот како почит на Bugatti Type 57 SC Atlantic, од кој беа направени само четири примероци помеѓу 1936 и 1938 година. Модниот дизајнер Ралф Лорен е сопственик на последниот од тие четири автомобили.

Досега се сметаше дека најскап автомобил е моделот на „Ролс ројс“ - Sweptail - кој, наводно, чини околу осум милиони евра.

Иако развојот на автомобилите од само еден примерок е изненадувачки редок, тоа може да се покаже како профитабилно за производителите на автомобили, како и да биде корисна маркетиншка алатка.

„Бугати“, со седиште во Молсхајм, во францускиот регион Алзас, е во сопственост на германскиот производител на автомобили „Фолксваген“.

Споделување со вашите пријатели: