Највалкана кампања досега

Највалкана кампања досега
Ерол Ризаов

Претседателската предизборна кампања ќе почнела на априлили. Јавија од ДИК. Така било според законот. Тоа е само 1001 голема лага, пред да почне пропагандната војна на живот и смрт. До 1 април, кога ќе стартува предизборна трка, претседателските кандидати, особено тие што имаат најголеми шанси да бидат избрани, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова, ќе бидат толку оцрнети што, ако само 0,1 отсто е вистина од тоа што го слушнавме и допрва ќе го слушнеме и прочитаме за нив, тие не би смееле ништо друго да работат освен под постојан полициски надзор да го метат дворот и да ги мијат ќенефите во „Идризово“.

Нè очекува силна агресија по сите сетила со највалканата кампања досега која веќе зема замав со чудовиштни димензии. Не помагаат никакви ветувања за фер-плеј, ни лидерски средби и апели, домашни и странски набљудувачи, ништо нема да помогне бидејќи во оваа трка се вклучени покрај домашните плашила и махери за црнила и светските разузнавачки служби, искусни шпиони и меѓународни платеници и хохштаплери. Јавна тајна е дека Скопје подолго време е светски шпионски центар налик на Казабланка за време на Втората светска војна. Се работи на тоа Северна Македонија да биде казнета повеќекратно и на разни начини за членството во НАТО и за определбата кон Запад. Покрај тоа што ѝ е упатена директна закана дека со влезот во НАТО е сместена на линија на огнот меѓу најголемите светски велесили Америка и Русија, веќе државичката ни е прогласена за мета на терористички напади на исламски екстремисти, повратници од војните на Блискиот Исток, кои, божем, се ефикасно оневозможени откако ни дојави заедничкиот НАТО-сервис за итни интервенции. Мистиката околу ова акција изгледа прилично вештачки и политички напумпана, што може да нанесе штета како онаа приказната кога овчарот викал волк... волк... волк и на крајот кога третиот пат по лажните тревоги навистина стасал волкот немало кој да го брани.

За дестабилизација на државата и несигурност кај граѓаните нонстоп се емитуваат низ социјалните мрежи бранови на лаги и дезинформации, опасни полувистини, фотомонтажи на кои можат да позавидат и светските фалсификатори од највисок ранг. До достигнување на највисокиот бран, вистинско цунами, од лажни вести и дезинформации секој ден ќе исчезнуваат луѓе под сомнителни околности, кои некој ги сече на парчиња и им ги вади органите. Тие што се пронајдени живи и здрави, или сами се вратиле дома не е вест која заслужува внимание како кога станува збор за смртен случај, без оглед дали се работи за самоубиство или за деменција. Сите тие измислени вести, или несреќни случаи, се гарнираат така вешто што веднаш стануваат „вистини“ бидејќи има сведоци кои од прва рака слушнале дека некој ги видел злосторниците како ја киднапираат жртвата. На социјалните мрежи умираат по две-три дечиња дневно под неразјаснети околности. Лекарите ги соопштуваат на јавноста случаите, но довербата е изгубена. Редовно победуваат дезинформациите и лагите.

Власта ги брише родителите, по новиот бербат закон кој никој ниту го видел, ниту го прочитал, тоа е и најмалку важно, важно е што нема веќе татко и мајка, туку родител број 1 и родител број 2. Повторно еретиците ги озаконуваат убиствата на неродени деца со правото на абортус... ова е само благиот увод на она што нè чека не само за време на претседателската предизборна кампања, туку со истата жестина и во наредните неколку години ќе се соочуваме со домашните и светските страшила. Сè до рамноправното членство во НАТО и во ЕУ, Северна Македонија ќе биде изложена на силен притисок за внатрешна и регионална дестабилизација за да бидат доведени во прашање, или барем да бидат прогласени за неисплатливи и штетни, овие два сојузи на кои отворено се спротивставуваат не само добро познатите противници, носителите на светската глобализација и спротивставени страни, туку и домашните локални политичари во своите трки за власт и спасување од правдата поради откриените злодела и почнати судски процеси. Имаат силни мотиви, многу црни пари да ја искористат оваа ситуација. Ништо не им значи да ги жртвуваат најзначајните стратегиски интереси и историски шанси на државата да влезе во европското семејство и да биде 30. земја во воен сојуз со најголемата светска воена алијанса и сила. Нешто што до неодамна беше неостварливо и незамисливо, иако од првиот ден на независноста евроатлантските интеграции на земјата се приоритет број еден, кој од цврста определба прерасна во најголем адут да се сочува власта, само под услов да не се влезе во НАТО и да не се отпочнат преговорите со ЕУ.

Пречките и блокадите што ги ставаа соседите, а и самите ние некогаш повеќе и од нив беа најголемиот аргумент во одбрана на власта за неспособноста да се најде решение. Дека се во прашање името на државата, националниот идентитет, македонскиот јазик и писмо, верата и човековото достоинство беа најсилните оправдувања дека не е можно да се најде прифатливо решение, иако сè друго е завршена работа. Со паролите - името не го даваме, идентитетот не го продаваме, нашето славно античко минато нема да дозволиме никој да ни го земе - режимот и криминалното владеење можеа без големи тешкотии да се одржат цели 11 години.

Македонија во НАТО и во ЕУ, па макар била и Северна, признавањето од цел свет со тоа име, потврдата и од Грција за одамна признатото универзално право на слободен избор на национална припадност, повторната потврда дека македонскиот јазик е признаен и од науката и од ОН, прифаќањето на македонско државјанство, за жал, не предизвика во земјата очекувано единство ниту, пак, силна подготвеност да се искористи оваа најголема шанса за подобра и посигурна иднината и побрз сестран развој на земјата. Напротив, во чудовиштна спрега на сите противници на иднината на државата и нејзините граѓани се јавија сили кои работат на тоа да ја казнат Македонија за големиот успех, иако се свесни дека ништо не можат да променат од она што е историски предзнак и определба на мнозинството граѓани.

Во оваа прилично непопуларна и деликатна фаза на реализација на Преспанскиот договор најсилно се удира по него. Отстапките што го означија компромисот заради заемна прифатливост станаа моќно оружје во рацете на противниците на евроатлантските интеграции на Македонија. Во тоа како ќе се викаат државните институции, а не што ќе работат, видоа голема шанса и анахроните политички партии за реставрација на режимот на Никола Груевски и за освојување на власта со формулата: да - и ние сме за ЕУ и за НАТО, ама не со ваков капитулантски договор. А, со каков договор тие би ја внеле Македонија во НАТО и во ЕУ нема одговор, како што немаше ни изминатите 28 години.

Претседателските избори не се само тест за позициите на политичките партии, туку испит за зрелоста на граѓаните на Македонија колку можат да ја препознаат историската шанса на својата држава. Македонија е уморна од чекање и од лаги за подобри договори кои нема кој да ги потпише. Јавноста препознава дека веќе договореното нема никој да го промени. Политичките натпревари и изборни ветувања треба да се сведат на тоа кој побрзо и подобро ќе ги реализира реформите и ќе ги спроведе бриселските поглавја кои ги отвораат европските фондови. Но, бидејќи се различни мотивите на лидерите и раководствата на најголемите политички партии за освојување на власта, ќе има и најцрна кампања досега. Ако беа сите за Европа и примена на европските вредности и стандарди и ако беа сите за НАТО, како што се декларираат, ќе имавме и скандинавска кампања и скандинавски избори. Многу се спротивставени мотивите на тие што бараат спас да се одбегне затворската казна, а друго е да се спроведуваат реформите кои водат во НАТО и во ЕУ.

Споделување со вашите пријатели: