Македонија тоне во смет и нечистотија

Македонија тоне во смет и нечистотија
Александар Николоски

Ако погледнеме околу себе, ама најблиску околу себе, на улиците по кои возиме, на тротоарите по кои одиме, на автопатите и регионалните патишта по кои патуваме, на излетничките места, низ парковите и местата за одмор, на планините и езерата, буквално никогаш немало толку отпад колку што има сега. Македонија никогаш не била понечиста. Тони пластика околу нас, ѓубре кое го има насекаде, прашина, загаден воздух, загадена вода... Ова, за жал, е тажната слика за Македонија, која откако зимата заминува и снегот го снемува и на планините станува сè поочигледна и појасна. Едноставно, сите тонеме во нечистотијата околу нас. Скопје никогаш не било понечисто, големите градови низ Македонија никогаш не биле понесредени, низ Вардар, кој според договорот од Преспа само до Гевгелија може така да го нарекуваме, тони пластика се слеваат директно во Егејското Море без разлика како го нарекуваме. Тоа е тажната слика.

Не можам да избегам од впечатокот дека по локалните избори во 2017 година, по кои кадрите на СДСМ и ДУИ добија речиси стопроцентна доминација во државата, екологијата е сведена на нула, а државата е сè понечиста. Па, се прашувам, работат ли нешто градоначалниците? Работат ли нешто општинските комунални претпријатија? Работи ли нешто „Македонија пат“ и толку ли е неспособна да ги исчисти сите два автопати кои оваа држава ги има? Работат ли нешто надлежните институции, ќе соберат ли сила да ги исчистат Попова Шапка, Маврово, Пелистер, Пониква, Беровско, сега откако снегот се стопи и сметот повторно излегува на површина. Очигледна е тоталната неспособност на кадрите на СДСМ да ја средат државата, да ја исчистат за малку од малку да заличи на нормална држава. Сето ова што го пишувам нема потреба ни научно да се докажува, ни да се вадат статистики или податоци, само свртете се околу себе и видете на што личи државата.

Тука треба да се погледнеме и себеси. И да се запрашаме - дали имаме култура на живот и однос кон јавното добро. Како е возможно домовите да ни се совршено средени и чисти, а кога ќе излеземе надвор од нашите станови и куќи да е така нечисто. Како е возможно самите толку да ѝ наштетуваме на околината во која живееме и да не сме подготвени малку од своето време да посветиме да ја исчистиме. Да, точно е, постојат надлежни институции задолжени за тоа и веќе ги критикував погоре во овој текст, но факт е дека и самите треба да понесеме одговорност.

Во предвечерјето сме на почетокот на кампањата за избор на претседател на Македонија. Јас се надевам и силно верувам дека тоа ќе биде Гордана Силјановска-Давкова. Оваа тема - како живееме и колку е чиста средината во која живееме, на кое ниво е загаденоста во државата, колку и на прв поглед да не изгледа како тема од ингеренциите на претседателот на државата, таа апсолутно е. Најмногу затоа што убива! Загадениот воздух, нечистата околина и загадената вода убиваат! Во состојба во која е Македонија нормални држави прогласуваат вонредна состојба! Ги ангажираат сите институции да се справат со состојбата како и сите експерти да понудат решенија. Гордана Силјановска-Давкова веќе ја отвори оваа тема, многу од спротивниот табор побрзаа да кажат дека ова не е тема за претседател на Македонија и попродолжија да се занимаваат со „високата политика“ поврзана со апстрактни прашања. Јас логично сакам да ги прашам за од високата да се спуштиме на реалната- ја прекрстивте Македонија, ѝ го сменивте името, зборувате за светла иднина, каква е таа светла иднина во која децата ви играат во паркови полни со тони смет?

Сметам дека ова прашање следниот претседател треба да го стави на врвот на своите приоритети. Да поведе две паралелни активности - првата институционална координација за борба со загадувањето (и на воздухот, и на водата, и на животната околина), втората силна кампања која ќе допре до свеста на секој граѓанин на Македонија да се грижи и да ја чува животната средина како врвен здравствен приоритет.

Во однос на првата, сметам дека треба да формира мултиресорско тело од претставници на централната и локалната власт кое ќе носи насоки како да се справи со загаденоста, тие како заклучоци да се слеваат кон Владата и единиците на локалната самоуправа. Се надевам дека Владата ќе има доблест да застане под координативната палка на претседателот и да влезе во решавање на овој проблем, зашто очигледно е дека сами не се способни да го решат.

Во однос на втората, претседателот на државата треба да ги покани во едно координативно тело медиумите, универзитетите и врвните експерти по екологија кои оваа држава ги има за да се изработи медиумска и теренска кампања која би допрела до секој граѓанин. Во неа да се објасни колку е значајно за себе и за идните генерации да се штити животната средина, да се внимава да не се загадува воздухот, почвата и водата. Да се едуцираат и младите за нивниот однос кон животната средина и да сфатат дека тоа е однос кон себе и квалитетот на сопствениот живот. Медиумите да го сторат својот дел, а експертите и универзитетите да тргнат на терен и да ги едуцираат граѓаните.

Сметам дека со една сеопфатна стратегија уште во првиот петгодишен мандат на Гордана Силјановска-Давкова може да се исчисти Македонија и да стане попријатно место за живеење. Тоа ќе биде нов квалитет во животот на граѓаните. Ќе се намалат трошоците за здравствена грижа, а ќе се стимулира и стопанството и пред сè туризмот. Темата е голема и е силен предизвик се надевам дека цело општество ќе се обедини под идниот претседател за да ја реши.

 

Споделување со вашите пријатели: