Секој ден по еден новозаболен од рак во Битола, придонесува и загадениот воздух

Секој ден по еден новозаболен од рак во Битола, придонесува и загадениот воздух
Андријана Митревска од Битола заболела од карционом на 26 години, а повеќе од две години, заедно со голем број сограѓани кои ја делат истата судбина, води   битката со оваа тешка болест и  преку здружението  на граѓани за поддршка на лица со карцином „Јасмин“ кое го формирала лани.  Според статистиките од здружението, секој ден во Битола се регистрира по едно ново лице заболено од рак, секоја недела по една  жена со рак на дојка и два  случаи со белодробен карционом.  Андријана верува дека една од причината за малигните заболувања  е и загадениот воздух, поради што се приклучи на платформата „Земи здив“, формирана од пет невладини организации кои ќе работат  за намалување на аерозагадувањето.

-  Во секое второ семејство има по еден заболен од рак или некој нивни близок роднина.  Ние имаме статистика од Центарот за јавно здравје, според која во Битола во периодот од 2010 до 2016 од канцер  се лекувале  .2044 лица, од кои пет деца меѓу три и шест години, шест деца меѓи седум и девет години,  четири од десет до четиринаесет години, двајца тинејџери на возраст од 15 до 19 години, 18 млади од 20 до 24 години. Останатите се над 25 години, а бројките се алармантни. Стапката на болнички морбидитет од малигни неоплазми за 2010 година била 12,6 отсто на 1.000 жители, а 2016 година изнесува 18,7 отсто и расте. И јас бев една од нив, но горда сум што ја победив болеста,  вели   Митревска.

Платформата „Земи здив“ е формирана со цел да се инсталира густа мрежа од независни мерни станици со референтни уреди кои ќе го следат квалитетот на амбиенталниот воздух на повеќе локации низ Битола, а досега се поставени седум.  Тие ја мерат концентрацијата на ПМ 1, ПМ 2,5 и ПМ 10 честичките, потоа температурата, воздушниот притисок и влажноста на воздухот, а податоците кои се во реално време и се ажурираат на секои три минути, се достапни на секој паметен уред. Овие мерни станици ќе помогнат во идентификација и мапирање на загадувачите, а анализите од податоците на мрежата ќе овозможат  изработка на месечни и квартални извештаи за квалитетот на воздухот, врз база на кои активистите од „Земи здив“ ќе предлагаат конкретни мерки и ќе ги следат ефектите од нивното  спроведување

-Сето ова треба да помогне во изнаоѓање соодветни решенија кои треба да се применуваат при креирањето на политиките во борбата со загадувачите и последиците од загадениот воздух. Податоците добиени од мрежата се од јавен карактер и ќе им бидат достапни на надлежните кои имаат овластување да преземат соодветни мерки. Исто така, сите податоци им се достапни и на граѓаните кои ќе можат да преземат индивидуални мерки, но и да се подигне  еколошка свест која ќе води кон промена на дел од навиките, вели Драган Вељанов, претседател на платформата „Земи здив“.

Според извештајот,  што за февруари  го презентираа активистите од „Земи здив“,  битолчани повеќе од половина месец дишеле загаден воздух.

-Во февруари имавме активни три мерни станици. Направивме анализа и споредба со мерната станица Битола2 на Министерството за животна средина која се наоѓа во центарот на градот и дојдовме до заклучок дека генерално податоците се поклопуваат. Сите мерни станици покажуваат над максимално дозволените концентрации во над 50 до 60 отсто во деновите од месец февруари. Таа слика е кај три наши мерни станици и онаа на Министерството за животна средина, рече Мите Ристов, од Регионалното географско друштво  „Геосфера“

Андријана Митревска вели дека болните од карционом кои се членови на здружението „Јасмин“ се вклучија во платформата „Земи здив“ со силни мотиви.

-Можеби со платформата „Земи здив“ нема да го исчистиме загадениот воздух, но се надеваме дека ќе ги придвижиме работите. Од мерните станици ќе имаме податоци во реално време колкава е загаденост со што ќе можеме да ја намалиме индивидуалната изложеност кога има високи вредности на канцерогените честички. За мене тоа ќе значи многу, ќе знам во кој период од денот ќе можат да прошетам, вели Митревска од ЗГ „Јасмин“

Покрај здружението „Јасмин“ во платформата „Земи здив“  се вклучија и  граѓанските организации „Центар за европски развој и интеграција“, „Сфера“, „Геосфера“ и „ Имка“,  а сите активности и набавката на мерните станици се финансирани  преку донации и спонзорства, поради што активистите апелираат да се вклучат што поголем број физички лица и компании. До сега не побарале соработка со надлежните, но тоа ќе го направат откако ќе добијат податоци од повеќе мерни станици.

Споделување со вашите пријатели: