Посебните училишта ќе се трансформираат во ресурсни центри

Посебните училишта ќе се трансформираат во ресурсни центри
Вкупно 795 ученици со попреченост се вклучени во редовниот образовен процес, што е двојно повеќе од пред четири години кога тој број изнесувал 471. Од друга страна, пак, се намалува бројот на ученици во посебни основни училишта, па ако во учебната 2015/16 имало 431, во 2017/2018 запишани биле 411 ученици. Министерот за образование и наука, Арбер Адеми рече дека во предлог-закон за основно образование што сè уште е во изработка, една од опциите е посебните основни училишта да бидат трансформирани во ресурсни центри. Тоа ќе значи дека и натаму посебните училишта ќе нудат образование за учениците со најтешки пречки, а преку моделот ресурсни центри ќе им помагаат со кадар и опрема на наставниците во редовните училишта, со цел да се постигне целосна инклузија на ученици со посебни потреби.

„Училишта како ‘Иднина’, со овој модел ќе ја задржат својата образовна компонента за ученици со потешки попречености и комплексни потреби, но ќе имаат и дополнителна дејност, односно ќе даваат советодавна, консултативна, стручна и практична поддршка на наставниците и учениците во основните училишта каде што се запишани ученици со попречености. Законите и подзаконските акти, правилници и статути, прецизно ќе ја уредат работата на ресурсните центри. Крајната цел на новиот тип на кадар кој се планира да биде воведен - ресурсни специјални едукатори, ќе биде поддршка на инклузивниот тим во редовното училиште, составен од стручни кадри, наставник и родител односно старател на ученикот со попречености и придонес кон реализацијата на индивидуалниот образовен план за тој ученик кој е изведен од редовниот наставен план и програма“ рече Адеми.

Надлежните укажаа дека ваквата новина не треба да создава страв кај наставниците, технолошки вишок ќе нема, туку ќе има потреба од уште стручни соработници како логопеди и дефектолози.

Вероника Мароска-Леова

loading...

Споделување со вашите пријатели: